Пролет го растури Радовиш, убедлив триумф и на Вардар јуниор

Ракометарите на Пролет експресно го оставија зад себе разочарувачкото реми со Пелистер, триумфирајќи на денешниот натпревар против Радовиш со резултат 36-27. Стануваше збор за пресметка на два тима кои атакуваат на место во плејофот, но домаќините ниту за момент не им дозволија на радовишани да се надеваат на изненадување, наметнаа темпо што гостинските ракометари не можеа да го следат и стигнаа до заслужен триумф.

Мечот беше решен уште во првото полувреме што избраниците на Матлиески го добија со 19-12, по што домашниот состав рутински ја одржуваше предноста се до самиот крај на натпреварот. Мартин Поповски со десет гола беше предводник на победничкиот тим, Аларов постигна седум погодоци за Пролет, додека прв стрелец на Радовиш беше Николов со седум погодоци.

Дуелот на вторите екипи на Металург и на Вардар заврши со убедлива победа на „црвено-црните“ од 30-38. Во главна улога беа младите ракометари кои тренираа со првиот тим на „вардарци“, па така Карапалевски постигна 11, а Кукуловски десет погодоци во овој убедлив триумф на својот тим. Кај Металург 2 најефикасни беа Стојановиќ, Мелоски и Николовски со по шест погодоци.

Се вчитува...