ЕКИПА во Варшава,
Владимир Булатовиќ
Македонската репрезентација вечерва од 20:45 часот на Националниот стадион во Варшава против Полска го игра клучниот натпревар на патот кон ЕП 2020 во квалификациската Група Г. Момент за историја!
А, ако се погледнат досегашните пресметки со Полјаците во историјата, лесно се заклучува дека традицијата не ни е баш наклонета. Македонија досега има четири натпревари со Полска, притоа со три порази и само едно реми.
Во последниот меѓусебен дуел во Скопје во јуни, низ актуелниот квалификациски циклус, загубивме минимално со 0-1 во максимално израмнет меч во кој заслуживме најмалку бод. Претходно порази во два пријателски натпревари има и во декември 2012 година (1-4) и во февруари 2003 година (0-3).
Единственото реми (1-1) е од пријателскиот натпревар на 26. мај 2008 година. Тогаш селекцијата која ја предводеше Сречко Катанец на мечот во Ројтлинген одигра без победник благодарение на голот на Горан Мазнов во 45. минута. Полјаците израмнија преку Матушијак во 84. минута. Од тој натпревар, сосема очекувано, во актуелниот национален тим се уште е само капитенот Горан Пандев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА