Серијата на Шпанија прекината во Осло

Серијата од шест победи на Шпанија во овој квалификациски циклус беше прекината во Осло, каде „црвената фурија“ одигра само 1-1 на гостувањето против Норвешка. Шпанците беа на чекор до нов триумф, имаа водство со погодокот на Саул Нигез, но примија гол од пенал во судиското продолжение. Кепа со несмасна интервенција направи пенал, по што Џошуа Кинг биеше прецизно од 11 метри за голема радост на домашните навивачи на стадионот во Осло.

Италија во второто полувреме го скрши отпорот на Грција, славејќи со 2-0 над поранешниот европски првак. По здодевното прво полувреме, резултатот од пенал го отвори Жоргињо, а конечните 2-0 со прецизен удар од далечина ги постави Бернардески.

Шведска убедливо триумфираше на гостувањето на Малта со 0-4. Ларсон постигна два гола од пенал за победничката селекција, а по еднаш мрежата на домаќините ја затресоа Даниелсон и Агиус (автогол).

Лихтенштајн и Ерменија ремизираа 1-1, гостите први поведоа преку Барсегјан, а Лихтенштајн спаси бод со голот на Фрик во второто полувреме.

Се вчитува...