Фудбалската репрезентација на Англија е блиску до обезбедување пласман на ЕП 2020 откако успеа убедливо да слави против Бугарија на гости во Софија со 0-6. На овој натпревар англиските фудбалери се соочија и со страшни облици на расизам од трибините, а селекторот Герет Саутгејт три дена по мечот вели дека тоа може само да ги направи уште поцврсти неговите избраници.
„Воодушевен сум од тоа како одговорија фудбалерите, дури и оние најмладите, на расизмот во Бугарија. Покажаа дека се големи и на фудбалски начин одговорија на навредите од трибините. Можеби ќе речете дека сега зборувам само фрази, но навистина сум горд на фудбалерите. Верувам дека по ова ќе бидат уште посилни и дека нема да потклекнат на ниту еден друг натпревар. Секако, мислам дека УЕФА мора да поведе многу повеќе сметка за расизмот на европските стадиони“, изјави Герет Саутгејт.
По облиците на расизам, оставка поднесе Борислав Михајлов, претседателот на Фудбалската федерација на Бугарија, и тоа по барање на премиерот Бојко Борисов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА