Ракометарите на Охрид ја забележаа и петтата победа во низа во Супер-лигата откако во вечерашниот дерби дуел славеа над Бутел со резултат 24-22. Охриѓани бодрени од верните навивачи најдоа начин да го земат скалпот на незгодниот гостин од Скопје, во чии редови се почувствува и замор по долгото патување од Украина и несреќната елиминација од Запорожје од Купот на ЕХФ.
Првото полувреме го одбележа израмнета игра, Охрид рано поведе со 5-1, гостите се вратија, па на одмор се замина со резултат 13-13. Клучен се покажа првиот дел од второто полувреме, кога избраниците на Раде Стојановиќ успеаја да се одлепат, поведувајќи со 20-17, потоа и со 21-18. Гостите се обидоа да се вратат, но охриѓани со цврста одбрана ја одржаа позитивата и на крајот заслужено се радуваа на победата.
Денис Тот со осум погодоци беше во глава улога во денешниот триумф на Охрид, четири гола постигна Кривокапиќ, додека најефикасни кај Бутел беа Милошевски и Мајиќ со по пет постигнати гола.
На првиот натпревар од денешната суперлигашка програма Пелистер како гостин триумфираше над Работнички со 29-34. Битолчани на одмор заминаа со водство од 13-17, предност што потоа знаеја како да ја задржат до самиот крај на мечот. Стефан Талески со десет гола беше најефикасен кај победничкиот тим, осум постигна Петровски, а шест Иван Димитровски. Кај Работнички најдобар поединец при денешниот пораз беше Сулима со осум погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА