Мартин Поповски освои две титули европски првак со Вардар, но летово реши да го напушти таборот на „црвено-црните“ и да се пресели во клуб каде ќе добива поголема минутажа. Од неколкуте понуди на маса десното крило ја избра онаа на Пролет, одлука за која Поповски се уште верува дека е правилна.
„Не се договоривме со Вардар и заминувањето се случи во тежок период за промени. Имав понуди и од други клубови, но одлуката да дојдам во Тинекс Пролет беше многу лесна. Станува збор за клуб што со години се натпреварува во најсилното натпреварување, воедно и тим со беспрекорна атмосфера. Имаме млада екипа со многу играчи кои се желни за напредок и надигрување со сите ривали“ – истакнува Поповски.
Тој e задоволен од одличниот старт на сезоната, откако Пролет забележа четири победи и две реми во првите шест кола. Воедно, Поповски ги предупреди соиграчите дека мора да се продолжи во ист ритам и на следните натпревари, почнувајќи од саботниот дуел со Вардар јуниор.
„Стартот е навистина одличен. Досега немаме пораз и ако за нешто жалиме тоа се загубените бодови во финишот против Пелистер и Металург. Тоа се средби во кои испуштивме победа во последните секунди, но и тоа е составен дел од спортот. Се надевам дека ќе останеме максимално фокусирании ќе го задржиме победничкиот пат. Наша цел е оваа полусезона да ја завршиме без пораз. Во вториот дел така би било полесно да се игра, бидејќи ќе немаме притисок и ќе можеме да изненадиме на некоја од тие гостински дерби-средби. Влез во плејофот е нешто што е поставено како цел, тоа е реално да се оствари, но за да се случи мора да се задржи нивото на игра во текот на целата сезона“ – вели десното крило на Тинекс Пролет.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА