Спектакуларна понуда од саудискиот принц: 4,5 милијарди евра за Манчестер Јунајтед

Можеби Манчестер Јунајтед не е во прв план оваа сезона во трката за шампионската титула, но дефинитивно е најпопуларниот клуб на Островот. На „Олд Трафорд“ ќе пристигне најбогатата понуда за купување на еден фудбалски клуб, вредна неверојатни 4,5 милијарди евра. Принцот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман, е подготвен да го преземе клубот од семејството Глејзер и за тоа да плати баснословно. Неговата желба е да го врати сјајот на „Олд Трафорд“ и да инвестира многу повеќе од сегашниот прв човек на Манчестер Сити, шеикот од Абу Дабу, Мансур бин Зајед ал Нахјан.

Саудискиот принц од поодамна покажува интерес за Манчестер Јунајтед, досега наводно има испратено две понуди, со вредност над 3 милијарди евра. Сепак, американските сопственици не сакаат така лесно да се откажат од клубот од „Олд Трафорд“.

„Колку што знам јас, семејството Глејзер нема намера да го продава клубот, има долгорочни планови и нема нова конкретна понуда за купување на Манчестер Јунајтед“, вели извршниот потпретседател на клубот, Ед Вудворд.

Најавите за енормната понуда на принцот Мохамед бин Салман одекнаа силно во Манчестер, но и во цела Европа. Досега ниту еден фудбалски клуб не е продаден за таква вртоглава сума.

 

 

Се вчитува...