Најтрофејниот македонски клуб Вардар продолжи во победнички ритам, совладувајќи го Работнички со 2-0, во првиот меч од 12.коло во Првата фудбалска лига. Стрелец на двата гола беше Даниел Аврамовски во 77.минута од слободен удар и во судиското продолжение. Тој во 77.минута шутираше откосо од десната страна, од работ на шеснаесетникот, топката удри во живиот ѕид, го измами Дамјан Шишковски и заврши во мрежата. Во финишот, вардарци изведоа противнапад, Аврамовски го издржа дуелот со Херера и пласираше крај немоќниот голман на Работнички.
Со овој триумф Вардар се искачи на врвот на табелата со 27 бода, а Работнички останува последнопласиран со само десет освоени бода.
Во првиот дел двете екипи прикажаа допадлив фудбал, Вардар беше поблиску до водство, Дарко Мицевски го погоди дирекот, а Давид Тошевски ја имаше најголемата закана кон голот на вардарци. Во второто полувреме Вардар ги искористи своите шанси, а Работнички пред да го прими првиот погодок, имаше шанса за водство, но силниот шут на Иван Марковиќ во 75.минута го одбрани Филип Гачевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА