Младата карате репрезентација на Македонија запиша одличен успех на 11. Светско карате првенство за кадети, јуниори и постари јуниори – У21, постигнувајќи резултати кои се меѓу најдобрите во историјата на младинските светски првенства.
Кадетот Бојан Костов во категоријaта -52кг повторно се закити со медал за освоено трето место. Бојан на патот до бронзата ги совлада натпреварувачите од Романија, Србија, Мароко, Индонезија и Русија. Единствено во полуфиналето беше 0-0, но по судиското изјаснување подобар беше противникот од Јордан, кој освои златен медал.
Висок пласман оствари и нашиот најдобар млад натпреварувач во кати Александар Неделковски, кој се бореше за медал и заврши на 5.место.
Во конкуренција на помлади сениорски (У21) Ангела Мојсовска во категоријата -68кг исто така го освои петтото место совладувајќи ја во првото коло претставничката од земјата домаќин Барбара Хуакиман со резултат 3-2, во второто коло со 2-0 ја совлада противничката од БиХ Илма Рахмановиќ, но во третото коло загуби од Русинката Илма Исаиева со резултат 1-7. Во репасажните борби Мојсовска најпрво убедливо беше подобра од Унгарката Дора Чагани со 3-0, а во борба за бронзениот медал беше поразена со 1-9 од Американката Скајлар Лингл.
Исто така и Вероника Костовска имаше одличен настап и успеа да ги совлада во првото коло претставничката од Хрватска Лаура Фуцик со 3-1, во второто коло ја победи Бразилката Оливеира Таис со 1-0, победа извојува и во третото коло против Азара Марија од Белорусија со 2-0. Во четвртото коло загуби од Русинката Ана Родина со 7-1 а откако таа не уепеа да влезе во финалето, Костовска немаше среќа да учествува во репасаж во борба за медалите.
Доан Османи во својата категорија од -75кг во првото коло го победи натпреварувачот Абулеифа Хамза од Палестина со 4-0 а во вториот круг загуби од претставникот од Данска со 1:3. Фахик Весели во категоријата -67кг беше поразен во првото коло против претставникот од Србија со 0:1. Во категоријата ката женски Владанка Аврамова го освои 31. место.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА