Дориев „во аут“ до крајот на полусезоната, Стоилов ќе паузира три седмици

Лоши вести за Академија Пандев околу здравествената состојба на двајцата најдобри фудбалери кои заработија повреди на последното гостување против Борец во Велес. Репрезентативниот напаѓач Љупче Дориев заработи посериозна повреда на менискусот на коленото, има и истегнување на лигамент и за него есенската полусезона е завршена. Тој до крајот на оваа недела најверојатно ќе мора да замине на артроскопска операција за да ги санира овие здравствени проблеми.

Фудбалерот за врска, Ѓорѓи Стоилов, има истегнување на бутниот мускул и ќе мора да мирува целосно во следните десетина дена. Потоа тој ќе се вклучи во тренажен процес и на него тренерот Тренчовски нема да може да смета околу три седмици.

Академија Пандев утре го игра реваншот од осминафиналето во Купот на Македонија против Осогово, а в недела во рамките од Првата лига ќе го пречека тимот на Работнички.

Се вчитува...