Најдобрата македонска кошаркарка, Јелена Антиќ, дефинитивно нема среќа со повредите во последните години. Од Белгија доаѓа лоша вест за Антиќ и за македонската репрезентација, откако тимот на Намур решил да го раскине договорот со нашата интернационалка поради честите болки во коленото.
Таа одиграла само еден натпревар во дресот на Намур, потоа се жалела на нов проблем со коленото оперирано во 2017 година, за на крајот спогодбено да биде раскината соработката. Воедно, Намур објави дека Антиќ ќе мора да замине на нова операција, а клубот веќе почнал потрага по кошаркарка што ќе го заземе нејзиното место во тимот.
Ова е сериозен проблем и за селекторот Владимир Ѓоровиќ, кој сметаше на Антиќ како на предводничка на репрезентација што веќе во ноември ќе го стартува новиот квалификациски циклус. Само за потсетување, Македонија во првото коло ќе гостува на Германија на 14 ноември, а три дена подоцна нашите најдобри кошаркарки ќе ја пречекаат Летонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА