Вардар сака да ја „отпише“ ранливата Шкендија и од Купот

Вардар како лидер на првенствената табела и со максимална самодоверба во можностите денеска ќе допатува во Тетово и ќе се обиде да ја „отпише“ Шкендија и во Купот на Македонија. Има 12 бода предност во шампионатот, но има „само“ 2-2 по првиот осминафинален меч против големиот ривал што се одигра во Скопје. Тоа значи дека вардарци сепак ќе мораат да бидат агресивни и офанзивни и да се обидат да триумфираат.

„Вардар сака да го освои трофејот и во Купот“, порачуваат избраниците на Александар Васоски.

Тренерот на Шкендија, Ернест Ѓока, дојде да гаси пожар и не му оди најдобро. Шкендија е ранлива и неубедлива во првенството, а денеска треба да ги продолжи надежите за пехар во националниот Куп. Голем проблем е неизвесниот настап на репрезентативецот Егзон Бејтулаи.

И Работнички е во резултатска криза, очајно игра во првенството, но сака да го спаси Купот. Има 1-1 по првиот дуел против Пелистер во Битола.

„Работиме напорно и се надеваме дека брзо ќе излеземе од кризата. Ги анализираме грешките, се обидуваме да излеземе подобри и единствено мерило сепак се резултатите. Верувам дека тимот ќе одговори позитивно и ќе го покаже квалитетот на утрешниот куп-натпревар против Пелистер. Наша цел е пласман во следната рунда од ова натпреварување“, вели тренерот на „романтичарите“, Марјанчо Андрески.

Интересни натпревари се очекуваат и во Кратово, меѓу Силекс и Шкупи, и во Струга каде Струга ТЛ го пречекува Борец. И на двата дуел се почнува од нула во обидот за пласман во четвртфиналето. Прволигашите имаат лесна задача во останатите пресметки.

КУП НА МАКЕДОНИЈА – ОСМИНАФИНАЛЕ (реванш натпревари, 13:30 ч.)

Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – БРЕГАЛНИЦА (0-1)

Тетово: ШКЕНДИЈА – ВАРДАР (2-2)

Охрид: ОХРИД – ЛАБУНИШТА (0-2)

Кочани: ОСОГОВО – АК. ПАНДЕВ (0-3)

Скопје: РАБОТНИЧКИ – ПЕЛИСТЕР (1-1)

Кратово: СИЛЕКС – ШКУПИ (0-0)

Струга: СТРУГА ТЛ – БОРЕЦ (0-0)

УТРЕ

Тетово: РЕНОВА – ТИКВЕШ (2-0)

* Во заградите се резултатите од првите натпревари

Се вчитува...