Ливерпул пресече: Во ист ден ќе игра и во Катар и во Бирмингем

Ливерпул не успеа да најде заеднички јазик со Астон Вила и со раководството на Лига-купот на Англија, поради што „црвените“ се принудени да прифатат четвртфиналниот дуел од ова натпреварување да го играат во првично утврдениот термин на 17 декември.

Проблемот е во тоа што за истиот ден е закажано и полуфиналето што тимот на Јирген Клоп треба да го игра на клупскиот Мундијал во Катар, поради што „црвените“ ќе ги поделат играчите, дел ќе останат на „островот“ за лига-купот, а дел ќе атакуваат на светската круна.

„Можеме да потврдиме дека нашиот меч со Астон Вила ќе се игра во вторник, 17 декември. Принудени сме да составиме две екипи, со едната да учествуваме на клупскиот Мундијал во Катар, а со другата во лига-купот на Англија. Ова не е идеално сценарио, но сметаме дека е од најдобар интерес за нашиот клуб, бидејќи и покрај вложените напори, не успеавме да најдеме соодветен термин“ – објави Ливерпул преку клупско соопштение.

„Црвените“ првите средби од лига-купот ги одиграа во комбиниран состав со голем број млади играчи, кои сепак имаа помош од Милнер, Гомез, Окслејд-Чембрлен, Лалана и Ориги. Сега кога ќе следи атак на светската круна се очекува и овие поискусни фудбалери да отпатуваат за Доха, а Ливерпул на „Вила парк“ да настапи со екипа составена исклучиво од младинци.

Се вчитува...