Дербито со Милан – последна шанса за Анчелоти

Катастрофалната сезона на Наполи продолжи со синоќешното реми на домашен терен со Џенова, по што уште погласни станаа критиките на адреса на Карло Анчелоти. Јасно е дека 19-те освоени бода по првите 12 кола се премалку за тим што во претходните години се бореше за скудетото, уште повеќе ако се знае дека „наполитанците“ во летниот преоден рок потрошија над 100 милиони евра за нови засилувања.

Де Лаурентис е бесен на тренерот Анчелоти поради фатктот дека во бунтот по ремито со Салцбург им дал поддршка на бунтовните фудбалери, но претседателот на Наполи сепак решил да му даде и последна шанса на трофејниот стратег да најде излез од кризата. Ова значи дека Анчелоти ќе остане на чело на Наполи за време на репрезентативната пауза, а потоа на дербито со Милан ќе мора да стигне до цел плен. Доколку тоа не се случи, овој стручњак веднаш ќе добие отказ, непосредно пред значајниот дуел со Ливерпул во петтото коло од Лигата на шампионите.

Воедно, расте и незадволството на управата од (не)залагањето на фудбалерите, па се најавува дека Лоренцо Инсиње ќе остане без капитенската лента, а Алан и Калјехон ќе бидат продадени веќе во јануарскиот преоден рок.

Се вчитува...