Ливерпул и Манчестер Сити ќе ги одмерат силите во големото дерби, нова пресметка на „модерните премиерлигашки умови“, Јирген Клоп и Пеп Гвардиола. Ривалството што своевремено го имаа Фергусон, Венгер и Мурињо веќе замина во историјата, па пресметките меѓу Клоп и Гвардиола сега се оние што јавноста на „островот“ со големо нетрпение ги очекува.
Сосема оправдано, со оглед на извонредниот фудбал што го играат нивните тимови. Ланската сезона Гвардиола успеа да ја добие трката за титулата, во денешното дерби Клоп влегува со „плус шест бода“ во однос на ривалот, што е само уште една причина Сити да одигра офанзивно попладнево на „Енфилд роуд“.
Бројките велат дека овие двајца врвни стратези имаат одиграно 16 меѓусебни средби, Клоп е за нијанска поуспешен со седум победи, наспроти шест на Гвардиола и три реми. Клоп е тренерот од кого Гвардиола има претрпено најмногу порази во кариерата (четири како тренер на Ливерпул, три на Борусија Дортмунд). Пеп славеше на пенали на последната пресметка во „Комјунити Шилд“ на „Вембли“, додека последниот натпревар на „Енфилд“ заврши 0-0, меч на кој Ријад Марез во самиот финиш не реализираше пенал за Сити.
Пеп Гвардиола дојде во Сити во 2016 година, девет месеци откако Клоп во октомври 2015 го презеде кормилото на Ливерпул. Бројките велат дека двајцата стратези имаат по 95 победи во Премиер-лигата, но Гвардиола со 30 меча помалку од големиот ривал (125-155). Сити под водство на Гвардиола има постигнато 315 погодоци, наспроти 331 на Ливерпул под Клоп, но одбраната е многу подобра кога станува збор за каталонскиот гигант и „граѓаните“ (99 примени гола наспроти 151 на Ливерпул).
Сепак, она што е најважното, Гвардиола има две премиерлигашки титули, Клоп ниту една, водство што Германецот се надева дека ќе го преполови токму сезонава. Сепак, за да направи чекор напред кон остварување на таа цел, Клоп ќе мора да ја добие денешната битка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА