Македонскиот тренер Емил Рајковиќ е именува за нов селектор за кошаркарската репрезентација на Казахстан.
Рајковиќ, кој во моментов работи и како предводник на најдобриот клуб од Казахстан, Астана, ја доби довербата на Кошаркарската федерација на Казахстан да го предводи и најдобриот национален тим од оваа земја.
„Среќен сум, бидејќи ова ќе биде мој прв предизвик како селектор на една сениорска репрезентација. Сакам да се заблагодарам на довербата од страна на федерацијата на Казахстан“ – истакна Рајковиќ по промоцијата на селекторската функција.
Емил Рајковиќ претходно се спомнуваше и како потенцијален нов македонски селектор, но сепак се одлучи да ја прифати понудата од Казахстан. Претходно, во својата тренерска кариера, беше и помошник на Александар Џикиќ на клупата на Македонија во квалификациите за ЕП 2015. Во досегашната тренерска кариера беше и селектор на младинската репрезентација, но и тренер на Фени индустри, Работнички, МЗТ Скопје како и полските екипи, Сласк Вроцлав и Стал Остров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА