Ракометарите на подготовки во Словенија, комплетни на осум дена до стартот на ЕП

Селекторот на ракометната репрезентација, Данило Брестовац, во својот извештај до Управниот Одбор се осврна на сработеното во изминатиот период, почнувајќи од завршните квалификациски натпревари во месец јуни, на кои беше запечатено првото место во групата.

„Одигравме два натпревари во квалификации, против Турција и Грција, кои беа многу важни за нашето натамошно рангирање. Го освоивме првото место, што ни овозможи да добиеме и полесни ривали во групата. Воедно, го остваривме и тоа што го најавивме, вклучување на помладите ракометари во составот, нешто што е природен процес и што ќе продолжи и во иднина. Мислам дека стратегиски добро се движиме, ги завршивме квалификациите на првото место и би било прекрасно ако и во иднина го задржиме ритам, да го задржиме континуитетот од настапи на големите натпреварувања, а истовремено и се повеќе да ја подмладиме репрезентацијата“ – истакна Брестовац.

Тој се осврна и на одиграните пријателски средби во текот на ЕХФ-седмицата, во која Македонија одигра две средби со Грузија и по еден меч со Турција и со Италија.

„Викнавме „мешан“ состав со кој одигравме четири натпревари, проверивме 16 ракометари на двете средби во Турција. Задоволен сум од она што го видов, можеби ќе употребиме неколку играчи во подготовките за ЕП, можам да го издвојам Мишевски, на кого сериозно можеме да сметаме како на сениорски репрезентативец. Исто така би го издвоил и Поповски, кој покажа квалитет и стави до знаење дека може да се смета на неговите услуги во иднина“ – потенцираше селекторот.

Воедно, Брестовац обелодени дека главниот дел од подготовките ќе биде одржан во Словенија, а ракометарите ќе минат заедно нешто повеќе од една седмица, со оглед на фактот дека националниот тим ќе се комплетира на 2 јануари.

„Подготовките ги почнуваме на 21 декември во Скопје. Имаме закажан турнир во Романија на 28 и 29 декември и би сакал да патуваме со еден поширок список, бидејќи нема да можеме да сметаме на играчите од Бундес-лигата, но и би им дал време за рекуперација на дел од поискусните како Лазаров, Манасков и Ристовски. Репрезентацијата би се комплетирала на 2 јануари во Скопје, по што заминуваме за Словенија, каде ќе ги финишираме подготовките. Досега подготовките течеа во Македонија, но мое мислење дека е подобро да бидеме што поблиску до Австрија. Обезбедивме ривали, на 3 јануари играме со Словенија, на 5 јануари со Црна Гора, по што би имале време за подготовки до патот за Австрија на 9 јануари“ – откри Данило Брестовац.

Се вчитува...