Вардар ќе биде значително засилен за саботниот натпревар од Лигата на шампионите против Мешков Брест, откако Даинис Криштопанс ги надмина проблемите со повредата и отпатува со „црвено-црната експедиција“ за Белорусија.
Летонскиот „џин“ се повреди во СЕХА-лигата против Војводина, по што потоа ги пропушти двете средби од ЛШ против Киелце. Кокшаров експериментираше на овие средби со бековска линија со крилата Дибиров и Чупиќ на неприродни позиции за нив, што се одрази и врз резултатите, па Вардар освои само еден бод во двомечот со полскиот првак.
Со враќањето на Криштопанс се решава значителен проблем во нападот, но и се засилува одбраната за ова вообичаено незгодно гостување за „вардарци“.
Актуелниот европски првак денеска полета за Белорусија, во тимот се наоѓа и Дисингер, а во Скопје остана единствено Сергеј Горбок, кој се уште се жали на повреда. Во експедицијата се наоѓаат и младите Кизиќ, Карапалевски и Кукуловски.
Во меѓусебните дуели на Вардар и Мешков во лигата на шампионите, македонскиот и европски првак има три победи на пет натпревари. Во првиот дуел сезонава во ЛШ победи Вардар со 36-31.
Средбата меѓу Мешков и Вардар е закажана за сабота во 17,30 часот, со пренос на МТВ 1.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА