Македонската кошаркарска репрезентација ќе го игра во Перм квалификациски натпревар за ЕП 2021 против Русија. Руската кошаркарска федерација одлучи дуелот со Македонија кој е закажан за 23. февруари следната година да биде во Перм кој се покажал како одличен организатор на „Купот на мирот“, кој беше дел од подготовките на „зборнаја“ за Светскиот Куп.
„Веруваме дека Перм и Универзалниот спортски дворец ‘Молот’ кој е со капацитет од 7.000 седишта е добитна комбинација. Па, нема потреба за промена на домаќинството за дуелот со Македонија“ – информираат од руската федерација.
Македонија квалификацискиот циклус го почнува на 20. февруари со дуелот против репрезентацијата на Естонија. Во тој февруарски прозорец на ФИБА, не чека и мечот со топ фаворитот во групата „Б“.
Европско првенство 2021 во машка конкуренција ќе се одржи во периодот од 17. август до 3. септември 2021 година во Прага (Чешка), Тбилиси (Грузија), Милано (Италија), Келн/Берлин (Германија).
Во квалификациите учествуваат 32 национални тимови кои треба да поминат три „прозорци“ на ФИБА. Освен февруарскиот, во 2020 година на распоредот е оној во ноември, додека квалификациите ќе бидат затворени во февруари 2021 година.
Во квалификациската група во која се Македонија и Русија се уште и селекциите на Естонија и Италија. Првопласираните три селекции во оваа, и од останатите седум квалификациски групи ќе обезбедат пласман на Евробаскетот 2021.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА