Мојсов: Бидасоа е најтежок ривал за Работник

Ракометарите на Работник в сабота го играат последниот натпревар од Лигата на шампионите, на домашен терен против екипата на Бидасоа. Шпанскиот клуб веќе го осигура првото место во групата, „фармацевтите“ имаат можност со позитивен резултат да побегнат од „фенерот“, но задачата нема да биде нималку лесна ако се земе во предвид слабата форма на македонскиот вицепрвак.

Серијата слаби резултати придонесе во текот на оваа седмица отказ да добие тренерот Стевче Алушовски, па на саботниот дуел дебито на клупата на „фармацевтите“ ќе го има Божидар Мојсов, кој и досега беше дел од стручниот штаб на Работник.

„Ние сме во една ситуација која ниту еден клуб не би посакал да биде. Никој не посакува да има промени среде сезона. Ни следи најтешкиот натпревар оваа сезона. Најтежок и за мене и за ракометарите. Ни доаѓа лидерот во групата, Бидасоа Ирун е одлична екипа, системски добро подготвена. Тие долго време играат заедно и сигурно ни следи тежок натпревар. Би посакал играчите да излезат на терен и да го покажат најдоброто од себе. Имаме голем неспорен квалитет во екипата и се надевам на добар натпревар и максимално ангажирање. Сите ракометари се спремни, со исклучок на Милорад Кукоски, кој е неизвесен. Тренира, но уште не сме одлучиле дали ќе настапи“, изјави Божидар Мојсов.

Капитенот Гоце Ојлески најави дека „фармацевтите“ ќе сторат се за да го изненадат лидерот во групата.

„По еден негативен период за нас, ни следи последниот натпревар од Лигата на шампионите сезонава. Бидасоа Ирун по мое мислење покажа најмногу и затоа е лидер во групата. Ним им ја даваме фаворитската улога в сабота. Ние веруваме дека ќе се издигнеме и со наш максимум можеме да ги победиме“, истакна Олјески на денешната прес-конференција.

Се вчитува...