Реал Мадрид прокнижи нови бодови во „Ла Лига“ откако попладнево триумфираше на незгодното гостување против Алавес со 1-2. „Кралевите“ повторно не покажаа блескава игра, но во стил на голем клуб, знаеја како да ги искористат шансите што ги создадоа и стигнаа до цел плен на мечот во Виторија.
Резултатот на почетокот од второто полувреме го отвори Рамос, прецизно шутирајќи со глава по центаршутот на Тони Крос. Капитенот од херој се претвори во трагичар откако со лакотот удри противнички фудбалер во шеснаесетникот, по што оправдано беше досуден пенал, што Лукас Перез го претвори во израмнувачки гол.
Радоста на домаќините сепак траеше прекратко бидејќи Реал набрзина повторно поведе, Модриќ нафрли до Иско, плејмејкерот го погоди дирекот, но на одбиената топка натрча Дани Карвахал и ја смести во мрежата. Алавес во самиот финиш имаше две одлични шанси за израмнување, но Ареола со одлични интервенции се погрижи „кралевите“ со цел плен да се вратат во Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА