Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, отворено го критикуваше досегашното функционирање на ВАР-технологијата, потенцирајќи дека таа не помогнала да се среди конфузијата во фудбалот.
„И претходно реков дека сум противник на ВАР, реалноста е дека засега не ги носи посакуваните резултати. Судиите прават грешки како и фудбалерите, со таа разлика што за судиските грешки потоа се зборува по неколку дена. ВАР беше донесен за тоа да се искорени, а сега луѓето по неколку дена зборуваат за недостатоците на ВАР-технологијата“ – вели Чеферин.
Особено дискутабилни се офсајд ситуациите, во кои неретко се случува да пресудат по неколку сантиметри.
„Гледаме ситуации во кои играчите се во линија, а се суди офсајд, денеска ако имаш голем нос си во офсајд. Ќе видиме нацртани линии и конечна одлука, но кој ги црта тие линии? ВАР-судиите, што значи дека повторно е субјективно и не можеме да бидеме стопроцентно сигурни во нивната точност. Наш предлог е да има толеранција за офсајди до 20 сантиметри, но ќе видиме што ќе рече за тоа судиската организација“ – истакнува првиот човек на европската фудбалска организација.
Главен проблем според него е недоволното дефинирање на правилата, со што се овозможува различно толкување.
„Во правилата стои – намерно играње со рака. А кој може да знае во некоја ситуација дали е намерно или не, судиите не се психијатри за да вршат таква проценка. Пред десетина дена гости ни беа најдобрите европски тренери, Клоп, Зидан, Гвардиола… сите седевме заедно. Им пуштивме видео-снимка и ги прашавме дали е ова играње со рака… половина рекоа да, половина не. Тоа е реалноста, има премногу простор за слободно убедување, од што потоа произлегуваат конфликтни ситуации“ – во право е Александар Чеферин.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА