Одамна патентирана македонска фудбалска изрека е „гладен тим пари сонува, ама и бодови освојува“. На таков принцип, а со одлична хемија меѓу фудбалерите, стручниот штаб и навивачите, Вардар супер-ефективно го одработи есенскиот дел од шампионатот во Првата лига.
„Црвено-црните“ обезбедија осум бода предност во однос на актуелниот првак Шкендија и заслужено ја имаат пол – позицијата пред продолжение на трката за титулата. Заслугите одат на адреса на фудбалерите, а честитките за склопувањето на мозаикот се за тренерот Александар Васоски кој успеа да извлече максимум од талентот на младите фудбалери и искуството и зрелоста на веќе докажаните имиња. Единствено потфрли раководството и тоа со исплатата. Јавна тајна е дека паричниците во Вардар оваа сезона не се полнат навреме и со цел обем. Но, бодови има, а и мотивација воопшто не недостасува.
Во Шкендија велат, исплатата си оди глатко, ама на теренот воопшто не одеше мазно. Лошиот старт на првенството го плати тренерот Ќатип Османи, а и наследникот Ернест Ѓока се соочува со проблеми. Шкендија не наликува на шампионскиот состав од ланската сезона. Една друга изрека вели…„И со многу пари, не е на арно“…
Академија Пандев во Југослав Тренчовски има алфа и омега, тренерот ги држи сите конци, па ланскиот куп-победник повторно е при врвот, иако потклекна во самиот финиш со три последовни порази и пет меча без триумф. Но, „производството“ е главната цел на Академија Пандев, а талентот на селектираните фудбалери (Дориев, Стоилов, Миловановиќ, Николов) е неспорен. Сепак, за трка со Вардар и со Шкендија, треба малку подобра клупска екипираност, уште малку поширок ростер и уште малку повеќе инвестиции.
Кратово е повторно фудбалски град. Силекс има фантастична есен, дефинитивно многу поубава од очекувањата. Горан Симов се покажа како вистински потег за клупата, Дурански е „моторот“ на теренот, одличен на голот е Даниел Божиновски, а на бод од Кратово другите екипи се радуваат како да го освоиле на „Камп Ноу“.
Најголемото разочарување дефинитивно е Работнички. Не беше така одамна, а „романтичарите“ беа шампиони, имаа забележителна улога и во европските купови. Лоша селекција на фудбалери, мало оддалечување од проектот што одлично функционираше – тимот да го предводат талентите од школата, брза промена на тренерите и по една мачна есен – последно место на табелата.
Ренова исто така нема со што многу да се пофали освен дека го избегна последното место, а амбициозноста на Струга Трим Лум и Борец придонесе тие добро да пливаат и во прволигашки води.
Пласманот на Македонија ЃП е во рамките на очекувањата, а многу повеќе од игрите на Шкупи оваа есен ќе се памети „прославата на Шверцери“ во МНТ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА