Спуштена е завесата во групната фаза од Лигата на Европа, уште една сезона во која тимовите од поранешна Југославија беа многу блиску до презимување во фудбалска Европа, но потлекнаа во моментите кога се чинеше дека пласманот во нокаут фазата им е загарантиран.
Аријан Адеми и останатите фудбалери на Динамо Загреб уште долго нема да се помират со суровата реалност – како не останаа дел од европскиот фудбал и во 2020 година. Уште долго ќе ги боли завршницата од дуелот со Шахтјор, кога до судиското продолжение имаа водство од 3-1 што значеше и речиси сигурно второ место во групата. На крајот мечот заврши 3-3, а по расплетот во последните две кола Динамо падна на последната позиција, па не само што не се пласираше во осминафиналето од ЛШ, туку и не се најде на утешното трето место кое носи во Лигата на Европа.
Црвена Звезда се наоѓаше во пол-позиција во трката за третото место во својата група во пресрет на последното коло против Олимпијакос. Уште повеќе откако пред крајот на првото полувреме во Атина беше досуден пенал за српскиот првак. Сепак, Томане не беше прецизен од белата точка, а мизеријата беше комплетирана пред крајот на второто полувреме, кога по почетничката реакција и играњето со рака на Жандер, Олимпијакос со гол во финишот стави крај на европскиот сон на белградските „црвено-бели“.
Партизан промаши бројни шанси на домашен терен против Манчестер Јунајтед, но „црно-белите“ најмногу треба да жалат за гостувањето во Холандија против АЗ Алкмар. Долго време избраниците на Саво Милошевиќ имаа предност од 0-2 што ги водеше во следната рунда, но примија два гола во завршницата, шлаканица што на едно коло до крајот им ги згасна сите шанси за европска пролет.
Балкански менталитет или нешто друго, во секој случај станува збор за лекција што многу често им се повторува на клубовите од регионот, кои никако не успеваат да ја извлечат поуката. Да се игра на резултат кога е најважно, во завршниците од натпреварите се чини е најтешко за клубовите од поранешна Југославија, кои никако не можат да ја научат лекцијата – фудбалот се игра буквално до последниот судиски свиреж.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА