Наполи тоне и со Гатузо на клупата

Тренерската смена не донесе позитивен пресврт во игрите и резултатите на Наполи, откако Џенаро Гатузо претрпе пораз на своето деби на клупата на „наполитанците“. Дуелот со Парма на хартија важеше за меч на кој Наполи беше апсолутен фаворит, но „сино-белите“ на крајот претрпеа пораз од 1-2, со примен гол во судиското продолжение.

Дуелот почна катастрофално за домаќините, Кулибали со почетничка реакција му овозможи на Кулушевски да ја донесе Парма во водство, а дефанзивецот на Наполи воедно и заработи повреда и мораше експресно да биде заменет. Очекувано, „наполитанците“ имаа повеќе од поседот над топката, но не блескаа на теренот. Во вториот дел сепак успеаја да стигнат до израмнување благодарение на Милик, кој со прецизен удар со глава донесе малку радост меѓу навивачите на стадионот во Неапол.

Сепак, не само што изостана пресвртот, туку Парма успеа да стигне до триумф во судиското продолжение, Кулушевски извонредно асистираше, а Жервињо со гол го круниса контранападот со кој беа скршени срцата на „наполитанците“.

Елиф Елмас се најде на клупата за резерви и воопшто не влезе во игра на овој натпревар.

Се вчитува...