Договорот меѓу Александар Тодоров и раководството на КФСМ и официјално е потпишан, па стратегот што му ја донесе првата титула на МЗТ Скопје и дефинитивно е новиот селектор на македонскиот национален тим. Со тоа завршува повеќемесечната потрага на челниците на федерацијата по нов кормилар, откако конечно беа усогласени сите детали, по што договорот беше потпишан од двете страни.
Официјалната промоција новиот селектор ќе ја има на прес-конференција во Скопје следната седмица, најверојатно во среда, кога Тодоров ќе обелодени и повеќе детали околу својата визија за изгледот на македонската репрезентација под негово водство. Тој паралелно со извршувањето на оваа функција ќе продолжи да го води и тимот на Крајова, чиј тренер е веќе втора сезона.
Новиот македонски селектор веќе ги крои и плановите околу стручниот штаб. Едно е сигурно, кондициски тренер ќе биде доведен од странство, поточно од Турција, а се очекува двајцата асистенти да бидат од домашната кошаркарска сцена. Засега најблиску до оваа функција е стратегот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА