Александар Тодоров денеска и официјално беше промовиран во нов селектор на кошаркарската репрезентација на Македонија, наследувајќи го на оваа функција Јорданчо Давитков. Пред новиот кормилар на националниот тим е одговорна задача, да ја внесе Македонија на Евробаскет 2021 преку квалификациската група со Русија, Италија и со Естонија.
Тодоров, кој воедно е и тренер во романскиот прволигаш Крајова, не ја криеше гордоста што застанува на чело на репрезентацијата.
„Лично сметам и наидов на поддршка за тоа, дека ова е еден момент во кој покрај атакот на пласман на ЕП мора да се изврши и подмладување на репрезентацијата. Неколку младински селекции се прикажаа во добро светло на европските шампионати, имаме млади играчи кои успешно настапуваат и во македонското првенство и во странство, кои треба да добијат шанса во сениорскиот состав. Подмладувањето не значи алиби, јас искрено верувам дека на тие деца треба да им се даде шанса, деца што за неколку години ќе треба да бидат носители во оваа репрезентација“ – изјави Тодоров.
Подготовките ќе стартуваат на 12 февруари, со тренинзи ќе се почне еден ден подоцна, по што седум дена подоцна Македонија ќе ја пречека Естонија на стартот од квалификациите за Евробаскет 2021.
„Моја желба е во овој период да одиграме еден контролен меч од затворен карактер, за да може да видиме на терен како се снаоѓаме и што да се корегира до дуелот со Естонците. Во стручниот штаб сигурен помошник ми е Ѓорѓи Кочов, а останатите членови ќе ги објавиме дополнително, по добиената дозвола од нивните клубови. За психолошката подготовка ќе се грижи Ленче Алексовска, а кондициски тренер ќе биде мој познаник и поранешен соработник од Турција“ – истакна Александар Тодоров.
Новиот селектор потенцираше дека за февруарските квалификациски средби нема да биде доведен нов натурализиран кошаркар, а прва опција за дуелите со Естонија и со Русија ќе биде Шејн Витингтон, кој настапува во Бетис.
Потпишаниот договор е со важност на 18 месеци, а доколку Македонија се пласира на Евробаскет 2021, автоматски ќе биде продолжена соработката за уште четири дополнителни години.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА