Македонија претрпе минимален пораз на вториот контролен натпревар со Кувајт што нашиот подмладен состав го одигра во Србија, а селекторот Данило Брестовац е многу позагрижен за повредите на неколку ракометари отколку за конечниот исход.
“Дојдовме овде да се воигруваме, да видиме што знаеме и да напредуваме. Вчера имаше повеќе простор за игра и за тактика, а да бидам искрен, денеска сум среќен само што заврши натпреварот бидејќи на помалку од десет минути до крајот можеше да дојде до масовна тепачка по еден прегруб старт врз Танкоски. За среќа, со благовремена реакција спречивме такво нешто, па натпреварот траеше до 60 минута. Не знам што би рекол, утре ќе ги преброиме „жртвите“. Она што го гледам сега е дека Танкоски, Костески и Мишевски се повредени, но на удари се пожалија уште неколку ракометари. Утре наутро ќе видиме каква е нивната состојба“ – изјави Брестовац.
Кормиларот на националниот тим смета дека ова беше натпревар од кој младите ракометари ќе треба да извлечат поуки.
„Немаше премногу ракомет на теренот, но за овие млади играчи и тоа треба да биде лекција, да извлечат поуки како е да се игра против погруби репрезентации, особено кога судиите ќе им допуштат агресивност во одбраната. Севкупно гледано сметам дека во одбраната одигравме сосема коректно, но изостана реализација во нападот. Се создаваа шанси, но не се реализираа, крилата не беа на посакуваното ниво и промашија чисти шутеви што вообичаено ги реализираат. Имавме и проблем на десната страна, Поповски поради ситна повреда доби поштеда, а откако се повреди и Костески, бевме принудени да експериментираме со Јагуриновски на неприродна позиција за него. Уште пред овие средби најавив дека е важно да ги искористиме да напредуваме, верувам дека ќе играме уште подобро на претстојните две средби на Трофеј Карпати во Романија“ – истакна македонскиот селектор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА