Милан има уште една слаба сезона, но „росонерите“ денеска имаат причина за задоволство откако конечно беше официјализиран трансферот на Златан Ибрахимовиќ. Желбата на сите е иста, Ибракадабра да помогне тимот да излезе од големата криза и да потсети на деновите кога предводени од Швеѓанецот „росонерите“ освојуваа трофеи во фудбалска Италија.
Ситуацијата сепак е сосема поинаква, тоа го докажува и оваа фотографија од сезоната 2011/12, последната што Ибра ја мина во Милано пред да се пресели во ПСЖ. Минаа осум години, период во кој значаен дел од поранешните соиграчи на Златан ги завршија своите кариери.
Кристијан Абијати долги години не е чувар на мрежата на „росонерите“, додека Тијаго Силва замина со Ибрахимовиќ во ПСЖ, каде се уште настапува (и ќе си замине на крајот на сезонава бидејќи клубот нема да му понуди нов договор). Марк ван Бомел мина кратко време во Милан, неколку години е тренер, а неодамна доби отказ од ПСВ Ајндховен. Филип Мексес си замина од „Сан Сиро“ во 2016 година, за 12 месеци подоцна да го објави крајот на кариерата.
Кевин Принц Боатенг е еден од оние кои се уште настапуваат на терените ширум Италија, сега како член на Фиорентина. Од фотографијата, десниот бек Абате е единствениот кој се уште е дел од „црвено-црното семејство“ од Милано. Антонио Ночерино и Лука Антонини веќе неколку години се „фудбалски пензионери“, додека Робињо по Милан имаше авантури во Кина и во Бразил, за сега да настапува во Турција, за екипата на Башакшехир.
Дел од Милан во тој период беа и играчи како Инзаги, Гатузо, Пато… па „росонерите“ во сезоната 2011/12 освоија дури 80 бода и го освоија второто место, со четири бода заостанување зад шампионот Јувентус. Ако има сличност, тоа е што Јуве повторно е првак на Италија, а Милан… повторно ќе зависи во голема мера од фудбалската магија на Златан Ибрахимовиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

