ИНТЕРВЈУ – Александар Тодоров: За репрезентација ќе игра само тој што сака, без закани и казни…

Долго траеше потрагата на раководството на КФСМ по нов селектор, за на крајот пред само една седмица да биде потпишан договор со Александар Тодоров, стратегот што му ја донесе првата титула на МЗТ Скопје, но и кој беше дел од стручниот штаб на Македонија на првиот настап на ЕП, пред цели 20 години.

Тодоров со голем ентузијазам ја прифати новата функција, свесен за големата желба за враќање на големите натпреварувања, но и подготвен да го реализира неминовниот процес на подмладување во националниот тим.

Беше дел од стручниот штаб на ЕП во Франција, колку години имаше тогаш и како се случи таа соработка?

Кога говориме за Европското првенство во Тулуз во 1999 година, говориме за нешто кое за првпат се случи на нашата репрезентација, прв настап на еден голем форум, а јас, како 25-годишен тренер на второлигашот Алумина ја имав таа чест да бидам дел од тој стручен штаб, предводен од Заре Марковски и со Благоја Печалов како прв помошник. Мојот ангажман во таа репрезентација беше пред се насочен кон скаутирање на противниците. Говориме за време кога ги немаше денешните можности речиси секој натпревар да се најде онлајн само неколку часа по неговото завршување. Тогаш се патуваше со камерата во рака на натпреварите на нашите противници, па некако “шпионски“ тие натпревари се снимаа, па потоа со помош на два видео-рекордери се правеше видеото кое тренерите го презентираа на играчите. Во тој момент, јас бев еден од малкуте во Македонија кој знаеше да го работи тој сегмент, кој денес го нарекуваме видео едитинг, и повикот од Заре дојде највеќе заради тоа, а не заради некакви тренерски квалитети или резултати кои ги имав во тој момент. Иако нашиот настап на Европското го завршивме со оној несреќен кош на Одед Каташ во последната секунда, до ден денешен со многу позитивни чувства се навраќам на тој период.

Тогаш како млад тренер доби големо искуство, дали сега сакаш истото да го направиш… млади играчи да добијат неопходно искуство и да тргнат во позитивна насока во кариерите?

Во моментов ситуацијата во нашата кошарка е таква да не може да говориме што јас лично сакам, бидејќи создавање на една репрезентација како микс на искуство и млади играчи е неопходност. За првпат по долги години имаме генерација која со успех се натпреварува на младинските Европски првенства, дури може да говориме и за две генерации, бидејќи летоска видовме како нашите кошаркари под 16 години се носеа рамноправно со традиционалните кошаркарски сили. Македонија уште од 2007 немаше настап во А дивизија на некое младинско првенство, точно од генерацијата на браќата Стојановски, на Марко Симоновски, Бојан Крстевски, кои во овој момент се костурот на оној дел на репрезентацијата кој носи искуство, но во исто време треба да сме најасно дека сите тие се веќе на 32-33 години.

Затоа, вклучувањето на дел од тие млади играчи кои со успех ги бранеа боите на нашата држава последните две години беше неминовност, доколку сакаме таа смена на генерации да мине колку е можно побезболно, иако секоја смена на генерации, посебно во “малите“ кошаркарски држави е исклучително тежок процес. Затоа на поширокиот список решивме да вклучиме 6-7 играчи кои настапуваа за нашите селекции под 18 и под 16 години, додека двајца од нив, Андреј Јакимовски и Марко Миловановиќ ќе бидат повикани на подготовките за средбите со Естонија и Русија во февруари, додека останатите ќе бидат дел од планираните мини-подготовки во јуни, каде би требало да одиграме и два натпревари, како што сега стојат работите, со Тунис во Скопје (кој во тој момент ќе се подготвува за квалификациите за Олимписките игри).


Гледајќи го целиот тој период наназад… како се движи кошарката во европски рамки, дали мак-баксетот го следи тој тренд?

Глобализацијата на целото општество се пресликува и во кошарката, а тоа придонесува да се промени традиционалната слика за развој на еден млад кошаркар, пат кој своевремено врвеше преку настапи за младинските селекции на својата матична екипа, па преку настапи во домашното првенство, да се стигне и до понуда за настап во странство. Сведоци сме како младите таленти рано заминуваат надвор, и својот развој го остваруваат во странски екипи, па затоа на пример имаме репрезентативци кои никогаш не настапиле во домашното првенство. Тука не говорам само за кај нас, тоа ќе биде случај со Димитријевиќ, туку и во соседството, каде на пример Везенков во Бугарија нема ниту еден натпревар во домашната лига, или најдобриот романски кошаркар Кате, кој исто така никогаш не играл на официјален лигашки меч во матичната држава.

Каде ги гледаш суштинските проблеми на македонската кошарка?

Проблемите кај нас се многу, но јас би истакнал два што според мене се клучни. Првиот е недостатокот на квалитетна инфраструктура, особено во зима, бидејќи сме една од малкуте европски држави која сеуште има ладни сали, или несоодветни школски сали, а говориме за период од 4-5 месеци во годината каде буквално се обидува да се преживее. А млад кошаркар не може да се создаде со 7 месеци работа во нормални услови. Втор проблем според мене се младинските школи. Со исклучок на 2-3, можеби и четири, кои навистина работат квалитетно, останатите се сведени на ниво на квантитет како единствен начин за егзистенција на нивните сопственици. Бидејќи станува збор за огромен број школи, значи и за голема конкуренција за секое дете,  за секој млад кошаркар, но не како можност за создавање на играч, а како можност за една членарина повеќе. Затоа и односите во таа наша младинска кошарка се толку затруени, тука не говориме веќе за спортско ривалство, туку за нетрпеливост и омраза, за немање на ниту грам почит и колегијалност помеѓу тренерите кои работат во тие школи. Позитивното во моментов е што гледам дека постојат неколку школи кои се обидуваат да го применат “стариот“ метод, но сметам дека во иднина бројот на наши таленти кои ќе решат да се развиваат во странство наместо дома ќе биде значително поголем.

Колку време траеја преговорите, кои ти беа клучни барања?

Уште на првата средба со Антиќ и Гечевски им истакнав дека финансиските услови не се приоритетни, а дека повеќе сум заинтересиран за долгорочен проект, па така клучни прашања беа должината на договорот, како и на сигурноста на тој договор, посебно доколку се обезбеди пласман на наредното ЕП. Мојата идеа за вклучување на дел од младите играчи беше веднаш прифатена, а исто така бев уверен дека ќе имам апсолутна самостојност во изборот на кошаркари и членови на струшниот штаб. На таа прва средба сфатив дека се планира да се создаде организација на највисоко ниво, да им се обезбедат сите услови на репрезентативците, и тоа исто така беше нешто што го направи моето решение полесно. Така да, иако временски траеја долго, не сметам дека беа некои посебно тешки преговори, бидејќи за многу нешта имавме слични, би кажал и идентични размислувања.

Што очекуваш да биде најпрепознатлив знак на играта на Македонија под твое водство?

Прво сакам да истакнам дека во репрезентацијата ќе играат играчи кои сакаат да играт, а не играчи кои под закана од разни казни и суспензии, ќе бидат убедувани на сила да настапуваат. Има навистина многу причини дел од играчите да не можат да настапат за репрезентацијата, независно дали станува збор за здравствени или лични причини, и тука ќе имам целосно разбирање, нормално доколку за тоа бидам информиран на време. Со самото ова, очекувам во репрезентацијата да се создаде една добра хемија, бидејќи тактички гледано, не може премногу нешта да се сработат во тие 5-6 дена на тренирање пред квалификациските средби, ниту да се направи некаков посебен скаутинг за противникот.

Димитријевиќ сигурно ќе биде меѓу лидерите, но најавуваш и вклучување на Јакимовски, Миловановиќ… сметаш ли дека тие се подготвени за игра на сениорско ниво, во едни главни квалификации?

Димитријевиќ веќе неколку години игра на сениорско ниво и тоа во најсилната лига во Европа, така да сметам дека е апсолутно подготвен да ја преземе таа улога и во репрезентацијата. Со него разговарав само на кратко, но веднаш после Нова година ќе имам можност да го следам во живо на средбата со Мурсија, и после тој натпревар ќе седнеме да поразговараме. Тој во овој момент со својата екипа има шанси да обезбеди пласман на завршницата на шпанскиот куп, кое ќе доведе до тоа да нема да може да биде со репрезентацијата од самиот почеток. Јакимовски и Миловановиќ, како што истакнав претходно, ќе бидат повикани на подготовките во февруари, во тие неколку дена ќе може да видиме како ќе се справат против постарите соиграчи, така да не ја исклучувам и можноста некој од нив да влезе во дванаесетте играчи за средбите со Естонија и Русија.

Центарската позиција реално делува како најголем проблем, постои ли решение во ситуација кога немаме право за натурализација на нов играч за да може да игра во февруари?

Сметам дека немањето време за натурализација на нов играч не е преголем проблем, бидејќи Витингтон ќе може да помогне на овие две средби. Јас би сакал во иднина во секој циклус да можеме да повикаме по два натурализирани играчи, па пред секој натпревар да решаваме со кој од нив би настапиле, зависно нормално од противникот и од моментната форма. Тоа што ме радува е одличната форма на Бојан Крстевски, кој прикажува одлични игри и во АБА 2 лигата. Него и Витингтон ги гледам како една добра комбинација под кошот, со оглед што и двајцата се мобилни, можат да погодат и од надвор, а против Естонија која форсира игра со ниска петорка, тоа може многу да ни помогне. Како што кажа и Гечевски на прес конференцијата, би сакале да го видиме во репрезентацијата и Предраг Самарџиски, иако таму се соочуваме со проблем поради фактот дека првенството во Втората турска лига нема прекин за време на фебруарскиот прозорец на ФИБА.

На воведната прес-конференција кажа дека за многумина Македонија се уште е четврта во Европа. Факт е дека очекувањата секогаш се преголеми и нереални, но сметаш ли дека еден подмладен состав може да се носи со тој притисок?

Апсолутно да. Заради тоа еден од првите состаноци кои ги имав по потпишувањето на договорот беше со проф.д-р. Ленче Алексовска-Величковска, со која имам соработувано неколку пати, и на репрезентативно и на клупско ниво, и чија помош и искуство како спортски психолог ќе биде добредојдена токму во елиминирање или намалување на тој притисок кај играчите, а пред се на натпреварот со Естонија, кој ем е на домашен терен, ем е со директниот конкурент за пласман на ЕП.

Колку си запознаен со квалитетите на Естонците, кои исто така имаат нов селектор?

Јас добро го познавам нивниот нов селектор, Финецот Јука Тоијала, уште од времето кога беше тренер во Стеауа во романското првенство. Имав можност да ја гледам и финската репрезентација, каде тој беше помошник на Хенрик Детман, и заклучокот е дека тој стил на игра на финската репрезентација тој се обидуваше да го наметне и во Романија. Затоа очекувам дека сличен систем на игра ќе наметне и во естонската репрезентација. Се уште е рано, кога ќе се објави списокот на 14-15 кошаркари кои ќе бидат повикани за овој циклус, ќе можеме да коментираме повеќе за Естонците.

Ако ја внесеш Македонија на ЕП, дали тоа ќе ти биде поголемо тренерско достигнување од првата титула со МЗТ?

Тешко прашање, особено што станува збор за клупско и репрезентативно ниво, кое е многу тешко да се споредуваат. Уште од 2001-та година, кога го загубивме финалето, си поставив цел да бидам првиот тренер кој донел титула на МЗТ, и тоа ми беше, може да се каже, не само желба, туку и зацртана цел. Репрезентацијата е нешто друго, се работи на многу кратки периоди, се одигруваат 6 натпревари во еден циклус од една година, со максимум 15-тина тренинзи, и како што истакнав погоре, многу работи зависат од тоа каков е здравствениот билтен на носителите на играта, каква кохезија е создадена внатре во екипата, каква атмосфера ќе се направи за време на домаќинските натпревари и други помалку важни фактори.

Се вчитува...