Македонските репрезентативци денеска ги играа последните натпревари за своите тимови во Бундес-лигата, по што ќе пристигнат во Скопје и од 2 јануари ќе се приклучат на подготовките на националниот тим што ќе се одржат во Словенија.
Филип Кузмановски со Магдебург во денешната бундеслигашка рунда славеше над Вецлар на Филип Миркуловски со убедливи 34-27. Кузмановски конечно доби шанса да покаже дел од своите квалитети и постигна два погодоци од четири обиди, додека на спротивната страна Миркуловски беше двапати прецизен без промашување.
Жарко Пешевски и Штутгарт во драматична завршница загубија на домашен терен од Фуксе Берлин со 32-33. Штутгарт израмни на пет секунди до крајот, но потоа гостите од Берлин постигнаа гол за победа. Македонскиот пивот го заврши натпреварот без ниту еден гол, со само еден упатен шут.
Лудвигсхафен по голема битка славеше над Гепинген со 24-23. Дуран го постигна победничкиот гол на 12 секунди до крајот, а Мартин Томовски мина на теренот само две минути, не бележејќи ниту една одбрана.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА