Кире Лазаров е пријатно изненаден од добрите игри на подмладената репрезентација на „Трофеј Карпати“, откако неколку ракометари покажаа дека се подготвени да преземат дел од товарот и на претстојниот европски шампионат.
„Јас искрено како капитен од она што го видов, особено на последниот меч со Романија, сум среќен и задоволен. Покрај победата, видов дека некои играчи покажаа дека можат, треба да им се даде поддршка, да им се даде шанса за да можеме да им конкурираме на големите европски натпреварувања на големите натпреврувања. Ми се допаѓа, како што кажа селекторот, што не треба да стравуваме за нашата иднина, очекувам да продолжиме да бидеме дел од големите натпреварувања, а доколку ни се укаже шанса и да оствариме позначаен резултат“, изјави Кире Лазаров.
Тој смета дека не треба да се престане со поставување на високи цели, со оглед на фактот дека добар пласман на овој европски шампионат може да донесе и пласман на предолимписки квалификации.
„Влогот е голем, ова е Европско првенство, воедно и квалификации за ОИ. Реално мислам дека треба да веруваме, да посакуваме, да поставиме високи цели и доколку ни се укаже шанса да ја зграбиме. Знам дека имаме квалитетна репрезентација, самиот факт дека имаме пет ракометари во Бундес-лигата, тука сум јас, потоа Борко Ристовски, Столе Стоилов, Дејан Манасков… Имаме ростер со кој треба да бидеме конкурентни против сите ривали со кои ќе се сретнеме на овој шампионат“ – вели Лазаров.
Капитенот смета дека „црвено-жолтите“не треба да бегаат од улогата на благи фаворити во првата фаза во Австрија.
„Против себе имаме добро познати ривали, селекции со кои во минатото повеќе сме победувале отколку што сме губеле. Ако се гледа реално, ние сме селекција со поквалитетни ракометари од противниците, со самото тоа сме благи фаворити на трите натпревари, па дури и против домаќинот Австрија“ – истакнува Кире Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА