Нов хаос во АБА: Црвена Звезда одби да игра со Будуќност

Големото дерби од АБА-лигата меѓу Будуќност и Црвена Звезда што беше закажано за вечерва во 18 часот сепак нема да се одигра, откако српскиот првак воопшто не отпатува во Црна Гора.

„Црвено-белите“ во последните денови бараа и официјално одложување на средбата „од безбедносни причини“, стравувајќи поради политички затегнатите односи меѓу Србија и Црна Гора. Нивното барање беше одложено, се очекуваше шампионот на АБА утрово да одлета за Подгорица, а тогаш дојде до неочекуван пресврт во ситуацијата. Имено, експедицијата на Црвена Звезда веќе се наоѓала во авионот за Подгорица, кога стигнала порака да се симнат и да не патуваат за главниот град на Црна Гора.

За денеска во 16.30 часот прес-конференција најави претседателот Небојша Човиќ, на која првиот човек на клубот ќе ги образложи причините за ваквиот потег.

Сепак, едно е јасно, големото дерби нема да се игра, а потоа челниците на АБА ќе имаат полни раце работа со соодветна реакција и санкции за новонастанатиот хаос.

Се вчитува...