Долгогодишниот македонски репрезентативец Петар Ангелов – Диви на 8 март ќе наполни 43 години, но одличниот голман не ни размислува за завршување на кариерата. Тој ги мина последните сезони во германскиот нисколигаш Ратинген, но Ангелов на почетокот од 2020 година ќе се врати назад на македонската ракометна сцена.
Негов нов клуб најверојатно ќе биде Пролет, откако скопскиот суперлигаш покажа сериозен интерес за да го доведе ветеранот во своите редови. Пролет имаше проблеми со неконстантноста во формата на голманите во првиот дел од сезоната, а Ангелов дефинитивно би му донел дополнителен квалитет на тимот предводен од тренерот Матлиески. Со искусниот голман тимот на Пролет сериозно би се наметнал во борбата за Топ 4 и излез во ракометна Европа за наредната сезона. Преговорите меѓу двете страни се веќе стартувани и се очекува да финишираат успешно во наредните петнаесетина дена.
Покрај Пролет, сериозен интерес за Ангелов покажува и Тиквеш, екипата која е лидер во Првата лига и посакува влез во елитата. Тиквеш е клубот во кој „Диви“ ја почна кариерата во 1997 година, по што настапуваше и за Пелистер, Трембле, Вардар, Металург, Анталија, Кремс и Ратинген.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА