Капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев се врати на терените по суспензијата и веднаш донесе победа за Џенова од 2-1 против Сасуоло во 18. коло од Серија А.
На повеќе од луциден начин Пандев во 86. минута стрелаше за триумф на Џенова која сезонава ја очекува тешка битка за опстанок во најсилната италијанска лига. Македонскиот репрезентативец е извонреден и во својата 37-ма година од животот запишувајќи го и четвртиот гол сезонава за Џенова во Серија А.
Горан Пандев веќе се издвои и на листата на рекордери во најсилните Топ 5 лиги во Европа, па со 36 години, пет месеци и девет дена е трет најстар фудбалер кој успеал да запише најмалку четири гола во сезона во една од најсилните пет европски лиги. Пред Пандев на листата се Жоакин кој со 38 години постигна шест гола за Бетис во Ла Лига, и Паласио со 37 години кој запишал пет гола за Болоња во Серија А. Во секој случај долга е уште сезоната за Пандев кој, без сомнение, очекува и нови погодоци во дресот на Џенова.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

