Ракометна треска – пет прашања што чекаат одговор на ова ЕП

Се е подготвено за почетокот на новото Европско првенство во ракомет, што ќе стартува со вечерашните дуели Белорусија – Србија и Германија – Холандија. Ова ќе биде прв европски шампионат на кој домаќини се три земји (Австрија, Шведска и Норвешка), од кои двете скандинавски селекции се наметнуваат како сериозни кандидати за медал. Едно е сигурно, од денеска па се до 26 јануари ќе можеме да следиме врвен ракомет, а крајот ќе даде одговор на неколку интересни прашања.

1. Може ли конечно шампионот да ја одбрани круната?

Шпанија е бранител на трофејот откако во финалето пред две години во Загреб ја совлада селекцијата на Шведска. „Фуријата“ на овој шампионат на голот ќе го нема Арпад Штербик, кој дојде „од дневна соба“ пред завршниот викенд во Загреб и ги искачи Шпанците на тронот на ракометна Европа. Пред оваа селекција е сериозен предизвик, да стане првата што успеала да ја одбрани европската круна по пауза од 18 години (Шведска го стори тоа, со титули во 2000 и 2002 година).

2. Крај на проклетството на домашниот терен?

Многу често улогата на домаќин придонесува одредени селекции да се наметнат како главни фаворити за златото, но фактите го говорат спротивното. Во последните 18 години ниту една земја-домаќин не успеала да стигне до златните медали. Единствената што успеала во историјата на ЕП е Шведска во 2002 година. Сега Швеѓаните повторно се (ко)домаќини, можеби е време за прекин на оваа „црна серија“ на организаторите на континенталните ракометни собири.

3. Како да се запре Данска?

Данците можеби не се домаќини, но како актуелни светски и олимписки шампиони се наметнуваат како сериозни кандидати за првото место и на овој шампионат. Одлично покриени на сите позиции, предводени од феноменалниот Хансен, избраниците на селекторот Јакобсен се благи фаворити за златото во пресрет на ЕП.

Како да се запре Данска? Во последните две години ривалите не најдоа одговор на ова прашање, ќе видиме дали подобро ќе им оди во следните дваесетина дена…

4. Може ли некој да го урне рекордот на Кире Лазаров?

Кире Лазаров се уште е сопственик на рекордот за најмногу постигнати погодоци на еден европски шампионат, со извонредното издание и 61 гол на ЕП 2012 во Србија. Втор на оваа вечна листа е Олафур Стефансон со 58 гола на ЕП 2002. На последните три европски шампионати најдобрите стрелци не му се приближија посериозно на Лазаров, Здрахала беше најдобар стрелец на ЕП 2018 со 56 погодоци, Валеро Ривера ги предводеше стрелци на ЕП во Полска во 2016 со 48 погодоци, додека најефикасен на европскиот шампионат во Данска во 2014 беше Жоан Канелјас со 50 погодоци.

Какво пензионирање ќе има Лино Червар?

Лино Червар по СП во Франција ја напушти клупата на македонската репрезентација и се врати назад во татковината. Поранешниот тренер на Металург месецов ќе ја заврши селекторската кариера, веќе објавувајќи дека ќе се повлече по завршувањето на овој европски шампионат. Европската круна е единственото нешто што му недостига на Червар по златните медали од СП во Португалија во 2003 и од Олимписките Игри во Атина една година подоцна.

Сепак, речиси невозможно е да се поверува дека колекцијата ќе биде комплетирана на ова ЕП, со оглед на се послабите настапи на „коцкестите“ на големите натпреварувања, но и неколкуте откажувања во пресрет на овој шампионат.

ДЕНЕСКА НА ПРОГРАМАТА

ГРУПА А: Белорусија – Србија (18.15), Хрватска – Црна Гора (20.30)

ГРУПА Ц: Германија – Холандија (18.15), Шпанија – Летонија (20.30)

Се вчитува...