ЕКИПА во Виена,
Стеван Цаневски
Големата борба со Украинците ги исцрпи до последниот атом од силите македонските репрезентативци, особено оние кои одиграа 60 минути. Филип Талески постигна три гола во нападот, но имаше исклучително значајна улога и во фазата на одбраана, обврска што ја заврши исклучително успешно.
„Беше многу тешко, но да бидам искрен знаевме дека ќе биде така, неслучајно пред натпреварот велевме дека во оваа група секој секого може да победи. Никој од нас не веруваше дека ќе ни биде лесно, бевме подготвени за борба и стигнавме до победата што апсолутно ја заслуживме. Ова нека биде поука, ваквиот пад во завршницата да не се повтори бидејќи да се загуби добра предност и да се влезе во неизвесна завршница, такво нешто не ни треба во иднина“ – вели Талески.
Воедно, бекот на Балинген открива и која ќе биде клучната разлика меѓу дуелот со Украина со оној што следи, против репрезентацијата на Чешка.
„Исцрпувачки е да се игра одбрана на „седум на шест“ во голем дел од натпреварите, но тоа сигурно нема да се повтори против Чешка. Има една клучна разлика меѓу Чесите и Украинците, околу нивниот стил на игра. Украина има ракометари кои шутираат од далечина, додека Чесите во бековската линија имаат двајца играчи кои инсистираат на „еден на еден“, на продор и финта. Следниот натпревар ќе биде сосема поинаков од оној со Украина, ќе пресуди одбраната, додека во нападот не смееме да си дозволиме да промашиме толку зицери“, изјави Филип Талески.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА