„Балкан Штрасе“ рапорт: Новиот министер и разединетата „Фаланга“

Македонците, Срби, Хрвати и Босанци на едно место во Виена. Како каде, па на „Балкан Штрасе“, делот од австриската метропола што важи за „Балкан во мало“, каде се пие пиво со „сараевски ќебапи“ и „српски роштиљ“ и се гледа спорт. И се навива за „нашите“, во зависност од тоа која екс-ју република игра, без разлика во кој спорт. Ете, зимава се погоди во групата Б да е само Македонија, па сите обединето ги бодрат „црвено-жолтите“, бидејќи „јужната покраина“ од старата држава секако ја чувствуваат поблиска од Чешка, Украина, па дури и од Австрија, државата каде животот ги има донесено.

„Кире Лазаров“ е институција, за него знае и младо и старо, „од Вардара па до Триглава“. Сите знаат кој ќе ја реши кога ќе биде најтешко, знаат и противниците, но пак не успеваат да го запрат. „А што ќе правите по Киро“, загрижено ќе прашаат „земљаците“ од „Балканштрасе“. Одговорот е: „Ни самите не знаеме, но затоа уживаме сега – додека го имаме“.

Во период на техничка влада во Македонија, во Виена добивме и „технички министер за одбрана“. Никола Митревски, професионалец „пар екселанс“, човек без ниту една дамка во кариерата, кој секогаш бил на висина на задачата кога Македонија сметала на него. И сега кога доби шанса од првиот ден на големата сцена, никој не се ни сомневаше дека ќе одговори на предизвикот.

Салата беше особено убава обоена во црвено-жолто, со над 3.000 Македонци во неа. Само што, надвор од неа „подготовките“ за мечот се одвиваа на различни локации, во три различни фан-зони на „фалангата“, што наместо обединета, во австриската престолнина е со девизата „Секој на своја страна“.

„И како тоа, овде сме Срби, Босанци, Хрвати… сите сме заедно, а Вие Македонци, во ист град, поделени на три страни?“ – ќе слушнете прашање на „Балкан Штрасе“. И немате одговор…

Се вчитува...