КОЛУМНА – Низ очите на „Фалангата“: Австријците се побројни, но ние сме фанатични

Даниел Цонев дефинитивно е еден од омилените членови на „македонската фаланга“, препознатлив по обоеното лице и леќите во црвено-жолти бои. Македонецот од Кочани кој живее и работи во Швајцарија е фанатик кога станува збор за бодрење на ракометната репрезентација ширум Европа, па така ќе биде и на овој шампионат.

———————————————————————————————————————————————

Денеска е нов ден за натпревар, за наплата на долгот од пред два дена. Добро почнавме, лошо завршивме, си заминавме разочарани, но не престанавме да веруваме. Затоа што Македонија знае да блесне кога е најтешко, да одигра најдобро и да донесе радост, не само на нас што дојдовме во Австрија, туку на сите Македонци, во татковината, но и ширум Европа и светот.

Против Австрија имаме одиграно повеќе натпревари во минатото и најчесто сме победувале, зошто да не биде така и сега, во Виена. Имаме шанси, но не треба да се дозволи домаќините да земат залет. Атмосферата сигурно ќе биде фанатична, Австријците ќе бидат побројни, но „фалангата“ ќе биде тука за македонските ракометари. Како и секогаш, без разлика дали се губи или се победува, ние сме тука да ги бодриме.

Денот почна рано, со вообичаениот ритуал и шминкање. Како што се ближи почетокот, така расте и возбудата кај мене, верувам и кај сите останати Македонци овде во Виена. Бидејќи знам дека Македонија се уште има квалитетен ракомет, дека може да игра на високо ниво. Знам дека може да ја победи Австрија.

Товарот е врз ракометарите, тие играат за себе, за нас, за цела Македонија. Сепак, оптимист сум дека вечерва ќе излеземе како победници и ќе славиме долго во ноќта, за новиот успех на нашите спортски херои.

Се вчитува...