Изминативе месеци тежок скандал ја тресе Фудбалската федерација на Македонија која е буквално „ограбена“ од досегашниот раководител на финансискиот сектор.
Раководството на ФФМ во октомври минатата година открива тешки финансиски малверзации по што веднаш го пријавува случајот на Јавното обвинителство. ФФМ веднаш поднесува кривична пријава која, по дисциплинска постапка, добива и отказ од фудбалската федерација.
„Поднесена е кривична пријава од наша страна поради сомнеж за тежок финансиски криминал. Постоеше сомнеж околу нејзиното работење, па откако на 10. октомври и лично се уверив во малверзациите веднаш го известив обвинителството. Сега целиот случај е на обвинителството, и од таму треба да ги очекуваме останатите детали“ – изјави денеска за домашните медиуми, претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.
Сејдини, во интерес на истрагата, не сакаше да соопшти за колкaва проневерена сума се работи…
„Може само да кажам дека проневерената сума воопшто не е мала, но во интерес на истрагата не би сакал да зборувам за бројки. За целиот случај, покрај домашните надлежни институции, веднаш ги информирам и претседателите на ФИФА и УЕФА, Инфантино односно Чеферин. Откако сум на чело на федерација нагласив дека ФФМ ќе работи транспарентно и така ќе биде и во иднина. Токму во таа насока е секако и желбата за расчистување со овој случај“ – вели Сејдини.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА