ЕКИПА во Виена,
Стеван Цаневски
Нереализацијата на чистите зицер ситуации е главна причина за неуспехот на Македонија на овој европски шампионат, тврди селекторот Данило Брестовац. Сепак, многу поважно во моментов е што Брестовац најави коренити промени во репрезентацијата, бидејќи не бил задоволен од тимската хемија.
„Ние игравме добро, создававме шанси, но немам објаснување како можеа да се промашат сите тие зицери на овие три натпревари. Јасно е дека нешто не функционира, особено во создавањето на хемијата меѓу помладите и поискусните ракометари. Веќе станува јасно дека мора да се направи „рез“, макаар и да се жртвува едно големо натпреварување. Тоа е вистинскиот начин ако се размислува долгорочно. Не ми се допаѓа што се создаде огромна тензија по дваесетина минути игра, по која не успеавме да се вратиме во мечот и практично капитулиравме. Ќе биде неопходен рез, но за тоа ќе треба да се изврши детална анализа“, изјави Брестовац на прес-конференцијата по натпреварот.
Селекторот не ја крие загриженоста поради слабата игра на оние од кои се очекуваше многу повеќе, пред се младите играчи кои добија минутажа, но не ја искористија укажаната шанса.
„Сите сакавме нешто повеќе од помладите бекови, јас уште пред тргнувањето изразив загриженост, стравовите за жал ми се остварија. Главен проблем е што играчите кои се во странство не играат во своите клубови, а оние кои се во мак-ракометот немаат доволно меѓународни натпревари. Мислам дека ние имаме база, можеме да бидеме присутни на големите натпреварувања, но за некој посериозен резултат ќе треба да се сменат многу работи и ќе биде неопходно да мине подолг период“, истакна Брестовац.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА