Стручниот штаб на Магдебург дефинитивно не смета сериозно на услугите на Филип Кузмановски сезонава. Потврда за тоа е и денешниот трансфер на Гисли Торгир Кристијансон од Кил, откако 20-годишниот исландски среден бек беше ангажиран непосредно по повредата на Марко Безјак.
Словенечкиот бек ќе паузира шест месеци од терените, а се очекуваше во негово отсуство Кузмановски да добие позначајна улога во тимот на Магдебург, откако речиси целиот прв дел од сезоната го мина на клупата за резерви. Сепак, тренерот Бенет Вигерт инсистираше на ангажман на нов ракометар на оваа позиција.
„Пресреќни сме што успеавме да доведеме ракометар со квалитетите на Кристјансон веднаш по повредата на Безјак. Станува збор за играч со огромен потенцијал, кој ќе ни помогне да ги оствариме зацртаните цели за сезонава“, изјави стратегот на Магдебург.
Вигерт пред неколку месеци изјави дека слабата минутажа на Кузмановски се должи на неговото непознавање не само на германскиот, туку и на англискиот јазик, што значително му ја отежнува комуникацијата на теренот со соиграчите.
Кузмановски летово пристигна од Работник во таборот на Магдебург, но наместо чекор напред во кариерата сведоци сме на негова стагнација, што беше очигледна и при настапот за репрезентацијата на ЕП 2020.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА