ТАЈМАУТ: Селекторски небулози

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

Тактиката беше спремна, белешките за Австрија преведени, но се беше попусто кога ракометарите не можеа во дела да ги претворат замислите што во главата ги имал македонскиот селектор. А тој во главата има многу работи, па така кога ќе каже дека на Македонија и треба низок среден бек и цела јавност мисли на Скубе, нашиот селектор во глава го има Карапалевски. Затоа што како апсолутен селектор, тој многу добро ги знае сите „деца“, водејќи ги по турнири и ЕХФ-шампионати и знае дека се на негово ниво – многу добри за Б-дивизија, но им треба уште многу „фурни леб“ за достојно да се претстават на големите натпреварувања.

Девет дена по тактичкиот дебакл со Австрија, Брестовац собра храброст и се појави пред камерите на ТВ-Телма, за со бројни небулози само да го потврди она што од натпревар во натпревар беше се поочигледно – дека како што младите треба да созреат за едно Европско првенство, така треба и македонскиот селектор да созрее како тренер, бидејќи скокот Луксембург – Автокоманда – македонска репрезентација дефинитивно е преголем залак за него.

Слушнавме дека тој не добивал само „шепкања“ од масерот Димитар. На располагање имал и белешки од тактиката на противникот. Знаел како ќе игра Австрија во мечот „да се биде или не“, дека ќе се игра со „полу-фластер“ на Кире, какви се тактичките замисли на Пајович, кои Брестовац одлично ги прозрел и подготвил против-игра. Само што, ракометарите не знаеле како неговите совети да ги спроведат во дело.

На селекторската промоција кажа дека е идеален за да направи хомогена селекција од играчите кои ги водел како тренер и оние со кои своевремено настапувал како голман. Сега пак се пожали дека „имал многу работа и не можел да ги следи премногу на приватен план, кој со кого се дружи и со кого пие кафе“. Само што, некој треба да му каже дека и тоа е дел од работата, тимската хемија не треба да биде ОК, туку ТОП. Бидејќи да не се лажеме, Македонија е само просечна репрезентација која низ годините добила многу средби токму на карактер, нешто што ни недостигаше во Виена.

А тоа треба да дојде не само од капитенот Лазаров и останатите поискусни ракометари, туку од клупата, каде овој јануари дефинитивно недостигаше авторитет.

Затоа што и самиот селектор меѓу редови најави оставка по Австрија, но пред соблекувалната „се премисли“.

Потоа на прес-конференцијата најави рез, за сега да ја ублажи реториката дека сите тие се „добри момци“.

Во Виена се жалеше дека сега веќе нема многу време за корекции во играта, и усовршување на нападите со играч повеќе. Само што на негово барање подготовките беа најкратки во последните 10 години, а како да се воигра нападот со играч повеќе кога на ниту еден подготвителен меч не бевме комплетни.

Немаше авторитет да ги заштити младите кога оние поискусните врескаа по нив среде натпревари, дополнително „сечејќи им ги рацете“.

Ниту тој, ниту неговиот стручен штаб немаа храброст да му кажат на Борко Ристовски дека на првиот меч ќе брани Никола Митревски, иако одлуката беше донесена една недела пред ЕП. Па, потоа тешко „хемија“…

Кога веќе се имаа белешките за Австрија и се знаеше дека ќе има „специјален третман“ за Лазаров, требаше ли да има и „специјален тренинг“, а не капитенот да прави „стомачни“ додека останатите тренираа 20 часа пред клучниот меч.

А, доколку подмладувањето треба да биде некаков изговор (што не смее да биде), барем нека се случи суштински, а не само „на муабет“, со Томовски и Серафимов на трибини, а Костески да гледа ЕП на телевизија.

И на сите им е јасно, овој пласман на 15.место на ЕП 2020 е реална слика за македонската репрезентација и не треба да се бара „летање глави“. Тоа не значи дека не треба да се утврдат негативностите, за истите час поскоро да се отстранат. Бидејќи, ако сакаме да тргнеме напред, ќе треба на клупата да имаме не само тактичар, туку и мотиватор, некој што ќе има и храброст за смели потези, карактер да си ги признае грешките и авторитет што ќе го почитуваат и најголемите „ѕвезди“ во националниот тим.

Се вчитува...