Шпанија и Словенија ќе се сретнат вечeрва во 20.30 часот и ќе го дадат името на вториот финалист на ЕП 2020. „Црвената фурија“ влегува во дуелот со блага фаворитска улога, пред се поради фактот дека избраниците на Жорди Рибера се актуелни европски прваци. Сепак, мора да се истакне дека последната селекција што успеала да ја совлада Шпанија на меч од ЕП е токму Словенија, во групната фаза од ЕВРО 2018 во Вараждин, кога Словенците предводени од Веселин Вујовиќ славеа со 31-26.
„Тој пораз не значи ништо, бидејќи на крајот сепак станавме европски шампиони. Ова ќе биде полуфинале, еден меч во кој влогот е огромен и мора да се остане фокусиран во текот на сите 60 минути“, вели шпанскиот селектор, свесен за традицијата дека „црвената фурија“ никогаш досега ја нема одбрането европската круна.
Овие две селекции досега имаат одиграни 13 средби, при што Шпанија има импресивен скор од 10 победи, едно реми и само два порази. Сепак, Словенците се надеваат дека вечерва ќе успеат да приредат изненадување во Стокхолм.
„Ако можев да избирам ривал за полуфиналето, ќе ја изберев Шпанија. Тие се најстариот тим на ова ЕП, а ние сме млади, можеме многу да трчаме и ќе знаеме како да го искористиме тоа. Не верувам дека Шпанците ќе можат да го издржат темпото што ќе го наметнеме“, изјави „бомбардерот“ Мачковшек, кој е еден од 11-те словенечки ракометари кои во клубовите се тренирани од шпански стратези.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА