Домагој Дувњак е избран за најкорисен ракометар на ЕП 2020, сосема заслужено ако се земат во предвид извонредните настапи на овој ракометар во дресот на хрватската репрезентација. Асот на Кил беше беспрекорен во одбраната, но во клучните моменти ја преземаше и одговорноста во нападот, па сосема заслужено ќе се врати дома со МВП-признанието во своите раце. Секако, за Дувњак уште поважно е на градите да има и златен медал, за што ќе мора заедно со соиграчите во денешното финале да го совладаат актуелниот европски првак Шпанија.
Воедно, ЕХФ го објави и олстар-тимот со играчите кои прикажаа најмногу на овој европски шампионат. Во него има место и за двајца поранешни ракометари на Вардар, Хорхе Македа е избран за најдобар десен бек, а Игор Карачиќ за најдобар среден бек на шампионатот. Најдобриот стрелец Сандес Сагосен е најдобар лев бек на ЕП 2020, а крај него се наоѓа и левото крило на норвешката репрезентација, Магнус Јендал.
Словенецот Блаж Јанц е изборот за најдобро десно крило, Унгарецот Банхиди за најдобар пивот, а голман број 1 на ЕП 2020 е Гонзало Перез де Варгас од Шпанија. Свој претставник во дрим-тимот има и Германија, откако Хенрик Пекелер беше избран за најдобар дефанзивец на овој шампионат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА