Ракометарите на Пелистер претрпеа пораз од 23-20 на првиот меч против Нексе, во нокаут-фазата од СЕХА-лигата. Битолчани имаа премногу грешки во нападот, но сепак успеваа да се одржат резултатски. Штета што концентрацијата падна во самиот финиш, па со двата примени гола во последните две минути македонскиот вицепрвак си ја отежна битката на реваншот, во кој ќе се бори за влез во четвртфиналето и пресметка со бранителот на трофејот Вардар.
Нексе многу подобро го отвори натпреварот, поведувајќи со 4-1 по десет минути игра. Битолчани останаа дури 12 минути без постигнат погодок пред Остроушко да погоди од седум метри, но за среќа одбраната беше на ниво, па на домаќините не им беше дозволено посериозно да се одлепат. Битолчани се вратија, па по двете интервенции на Митревски израмнија на 9-9 пред крајот на полувремето иако во првите 30 минути избраниците на Бабиќ имаа неверојатни 16 загубени топки. Мора да се истакне одличното издание на голманот Чаневски, кој ги одбрани првите три седмерци што беа досудени за Нексе, па хрватскиот тим замина на одмор со минимална предност од 10-9.
Хрватскиот вицешампион заигра подобро на стартот од вториот дел, повторно дојде до „плус три“ (13-10), резултат при кој Чаневски одбрани уште еден пенал. Бабиќ беше принуден да земе тајмаут кога Нексе за првпат поведе со четири гола (15-11), предноста на домаќинот беше преполовена, па при 16-14 дојде редот домашниот стратег Хрват да побара минута одмор. Одбраната на чело со Митревски функционираше одлично, а Јотиќ намали на 16-15, на единаесет минути до крајот на средбата.
Нексе пак се одлепи и поведе со 21-17, Бабиќ зеде нов тајмаут и неговите совети веднаш вродија со плод, па Пелистер дојде на само еден гол негатива (21-20) пред Хорват на спротивната страна да земе минута одмор. За жал на македонскиот вицепрвак, прими два гола, не постигна ниту еден до крајот, па на реваншот во Битола „фармацевтите“ ќе мораат да бркаат негатива од три погодоци (23-20).
Остроушко постигна седум гола (пет од пенал), Јотиќ еден помалку, додека Митревски имаше девет интервенции на голот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА