Ливерпул го одигра најслабото полувреме, но сепак победи со 4-0

Ливерпул ја продолжи победничката серија во Премиер-лигата триумфирајќи со 4-0 над Саутемптон, но победата не беше толку лесна и рутинска како што покажува конечниот резултат. Мора да се истакне дека „црвените“ во првите 45 минути го одиграа најслабото полувреме во Премиер-лигата сезонава, дозволувајќи противникот не само да парира, туку и да создаде три-четири стопроцентни шанси.

Одличниот Алисон Бекер беше најзаслужен што на пауза се замина со 0-0, за потоа во вториот дел избраниците на Клоп да ја вратат контролата над мечот. Окслејд Чембрлен погоди од работ на шеснаесетникот на самиот почеток од второто полувреме, потоа следеше и асистенција на Фирмино до Хендерсон за 2-0, пред капитенот Хендерсон самиот да асистира до Салах за третиот гол. Конечните 4-0 ги постави Салах, по третата асистенција на Фирмино на оваа средба.

Ватфорд имаше предност од 2-0 против Евертон, но гостите се вратија со два гола што во судиското продолжение од првото полувреме ги постигна дефанзивецот Мина. На крајот тимот на Карло Анчелоти стигна и до пресврт за три бода, со голот што го постигна Тео Волкот во 90. минута.

Шефилд Јунајтед како гостин го совлада Кристал Палас со 0-1 по неспретната интервенција на голманот Гуаита, кој по еден корнер ја фати топката, но влезе со неа зад гол-линијата.

Њукасл и Норвич ремизираа 0-0, а без победник заврши и натпреварот Вест Хем – Брајтон (3-3).

Се вчитува...