Интер во незгоден момент остана без услугите на Самир Хандановиќ, откако првиот голман на „нероаѕурите“ заработил скршеница на прстот на еден од последните тренинзи пред дуелот со Удинезе. Словенецот не беше ниту на клупата за резерви синоќа на „Фриули“, весникот „Кориере дело спорт“ тврди дека повредата не е нималку наивна, а лекарите препорачале пауза од дваесетина дена.
Ова е сериозен проблем за Антонио Конте ако се знае дека во овој период Интер го очекуваат важни пресметки со Милан, Лацио и со Сампдорија, како и пресметката со Лудогорец во рамките од нокаут фазата од Лигата на Европа. Се очекува Хандановиќ да се врати во тимот навреме за големото дерби со Јувентус закажано за 1 март.
Интер е второпласиран на табелата во Калчо-лигата, со три бода заостанување зад лидерот Јувентус и два бода предност во однос на третопласираниот Лацио. Во следното коло „нероаѕурите“ го играат градското дерби со Милан, Јувентус гостува во Верона, а Лацио ќе биде гостин на Парма.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

