Вардар се враќа во натпреварувачки ритам, по распустот право на Кил (ФОТО)

Македонскиот и европски ракометен шампион, Вардар влегува во периoдот во кој ќе го комплетира настапот во групниот сегмент од Лигата на шампионите. Првиот предизвик по зимската пауза е германскиот Кил. „Црвено-црните“ во овој дел од сезоната влегуваат со новиот предводник, Стевче Алушовски кој дебито ќе го има против силен ривал на тешкото гостување. Дуелот со Кил е в среда.

На патувањето во Германија, Вардар е без Данил Шишкарев кој има здравствени проблеми. Со тимот е Де Толедо кој во периодот за контролни натпревари беше дел од екипата, но најавите од тренерот Алушовски се дека тој ќе има ограничена минутажа против германскиот состав. Во пресрет на дуелот со Кил, Вардар одигра две контроли и забележа победи против домашните ривали, Еурофарм Пелистер и Металург. По пресметката со Кил, Вардар треба да ги одигра уште и дуелите со Мотор Запорожје, Порто и со Монпелје.

Во втората фаза од сезоната во елитното натпреварување Вардар оди како шестопласиран на табелата со биланс од четири победи, едно реми и пет порази. Веќе има обезбедено пласман во осминафиналето. Во првиот натпревар со Кил во Скопје, Вардар загуби со високи 20-31.

 

Се вчитува...