Елиф Елмас даде дебитантски гол, Наполи ја победи Сампдорија (ВИДЕО)

Елиф Елмас засекогаш ќе го памети стадионот „Луиџи Ферарис“ во Џенова каде вечерва го постигна првиот погодок во кариерата во Серија А. Му тргна и на Наполи кој славеше со 2-4 против домашниот тим на Сампдорија. Елмас беше стартер и му заблагодари на тренерот Џенаро Гатузо со погодок што го постигна во 16.минута. Во тие моменти Наполи поведе со 0-2, откако Аркадиуш Милик во третата минута донесе минимална предност.

Но, Сампдорија не се предаде лесно. Квалјарела во 26.минута намали на 1-2, а по прегледување на ВАР снимка беше поништен гол со ножички на Гастон Рамирез во вториот дел. Сепак, Габијадини од пенал израмни на 2-2 во 73.минута.

Елиф Елмас беше заменет во 79.минута и на негово место во игра влезе Политано, а Диего Деме повторно донесе водство за „наполитанците“ во 83.минута. Дрис Мертенс во судиското продолжение го постави конечниот резултат, 2-4.

Се вчитува...